Лионел Меси денеска пристигна во Париз и потпиша двегодишен договор со ПСЖ. Легендарниот фудбалер на Барселона доаѓа во редовите на францускиот тим како слободен агент, односно без обештетување. ПСЖ е најголем добитник од финансиските проблеми на шпанскиот гигант, кој не можеше да ја продолжи соработката со Аргентинецот.
Меси се согласи на двегодишен договор со ПСЖ вреден 25 милиони евра по сезона. Тој ќе добива и дополнителни 10 милиони во бонуси, а договорот има и клаузула за продолжување на соработката на уште една сезона. Според шпекулациите Меси ќе инкасира и дополнителни 40 милиони евра бонус од клубот само за потпис на договорот.
Попладнево ги поздрави фановите на ПСЖ кои го пречекаа на аеродромот во Париз. ПСЖ закажа прес-конференција за утре во 11 часот во клупските простории на „Паркот на принцовите“ за официјалната промоција. „Светците“ сега ќе го имаат најмоќниот тим во светот на фудбалот, бидејќи покрај Меси тука се и староседелците Килијан Мбапе и Нејмар.
Да не заборавиме дека летово тимот се засили и со Серхио Рамос, потоа голманот Џанлуиџи Донарума, Ашраф Хакими и Џорџињо Вајналдум.
Меси ја напушти Барселона по точно 21 година. Тој пристигна од Аргентина во Шпанија како тинејџер, а за првиот тим дебитираше во 2004 година. За Каталонците одигра 778 натпревари и постигна 672 голови. Освои вкупно 35 трофеи со клубот од кои десет титули во Ла Лига и четири Лига на шампиони. Од индивидуалните признанија освои дури шест „Златни топки“ за најдобар светски фудбалер.