Вакцините на „Синовак“ се во фрижидерите и ниту една доза сè уште не е дадена, додека течат подготовките за дистрибуција и распределба низ пунктовите за имунизација. Во меѓувреме во тек е вакцинацијата со достапните вакцини во земјава.
Вчера се аплицирани нешто над тринаесет илјади вакцини, а прва доза примиле речиси единаесет илјади граѓани.
Вака беше денес во најголемиот пункт – скопскиот. Во моментот на располагање имаат само „Фајзер“, а се надеваат дека „Синовак“ ќе добијат во текот на оваа недела.
Немаат сериозни забелешки за интересот за вакцинација кај граѓаните.
Иако редиците и гужвите пред вакциналните пунктови периодов стивнаа, сепак секој ден некој доаѓа на закажан термин.
Оние коишто ги анкетиравме денес пред пунктот во поликлиника „Јане Сандански“ велат дека немаат особена резерва кон кинеските вакцини „Синовак“ и не би пребирале.
Сомнеж кај дел од нив постои само околу АстраЗенека.
Во меѓувреме, од Министерството за здравство информираа дека воведена е можност и за издавање сертификат за сите лица кои во последните девет месеци биле позитивни на коронавирусот и се регистрирани во Националниот систем.
Сертификатот може да се преземе кај матичниот лекар или со најава на страницата вакцинација.мк. Истиот е заверен со дигитален печат на Министерството.
Петар Догов