Македонија и покрај се не смее да застане да чекори на патот кон ЕУ- порачаа политичарите на Економскиот форум во Скопје.
Но, бизнисот ги врати во реалноста – дека прво мора да се решат домашните проблеми.
Миграцијата – иселувањето на по 10.000 млади стручни кадри годишно, ниската продуктивност на работниот труд, сивата економија, бирократизацијата, недоволните структурни реформи, корупцијата – се главните проблеми со кој се соочува бизнисот во земјава.
Порачаа дека со овие проблеми и со просечен раст до 5 проценти, земјава нема да го достигне европското ниво на раст, а македонските работници европските плати, ниту за 60 години.
“Вториот приоритет кој го адресираме е миграцијата, одливот на работници или да го наречам подраматично егзодусот кој ни се случува, особено кога повеќе од 10.000 работоспособни и квалификувани работници ја напуштаат земјата од година во година само од северна македонија. И од тука е евидентно дека БДП не може да се зголемува” – изјави Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.
Зоран Јовановски од Стопанската Комора со порака до Владата – дека нема многу простор за нови задолжувања, затоа треба да внимава и добро да планира за да има пари за поддршка на компнаиите и во наредниот период. Податоците покажале дека во март годинава во однос на март лани бројот на работници во приватниот сектор бил понизаок за 32.000 лица.
“Во транспортниот сектор бројот на вработени се намали за 21 процент, во угостителството и туризмот за 20 проценти, во градежништвото за 6 проценти” – изјави потпретседателот на Стопанската комора, Зоран Јовановски.
За владините претставници пак буџетот е во добра кондиција и ќе има пари за се – економските параметри одат нагоре.
Изразија оптимизам за иднината и оценка дека добро се справиле со ковид-кризата. Добро било тоа што во кризата виделе можност.
“Тоа што го направивме низ целиот период на економската криза и здравствената криза даде можеби и повеќе од што и најголемите оптимисти очекуваа” – вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Западен Балкан има потенцијал и треба подобро да ги искористи можностите за заеднички регионален пазар – беа дел од клучните пораки на првиот Економски Форум во Скопје, организиран од Делфи Економскиот Форум и Грчката бизнис асоцијација во земјава.
Александра Филиповска