Најважни Свет

Прв самит Бајден-Путин во Женева, но не се очекува премногу од средбата

Првата средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден по стапувањето на функцијата и неговиот руски колега Владимир Путин, според двете страни, доаѓа во момент кога односите меѓу двете земји се на најниско ниво од крајот на Студената војна. Прашањата кои ќе бидат разгледувани се бројни и нималку не комплицирани, од договорите за контрола на вооружувањето, до наводните руски сајбер напади и мешање во американските избори, лидерите на двете супер сили имаат многу за решавање. Но, и покрај тоа, и двете страни предупредуваат да не се очекува премногу од средбата.

Не, не може да биде историски и не треба да очекуваме никаков напредок, ситуацијата со руско-американските односи е премногу тешка. Сепак, фактот што и двајцата претседатели се согласија да почнат конечно да разговараат отворено за проблемите, само по себе е достигнување. Можеме да кажеме така уште пред почетокот, самитот веќе има позитивен резултат, но не треба да очекуваме никаков напредок, предупредува портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

Самитот во Женева е дел од првата турнеја на Бајден како американски претседател, а пред него, тој учествуваше на самитите на НАТО во Брисел и Г7 во Корнвол. Изборот токму на Женева, како локација на првиот самит на кој повторно ќе започне затоплувањето на руско-американските односи, потсетува на самитот во екот на Студената војна меѓу Роналд Реган и Михаил Горбачов во 1985 година.

Од една страна, мислам дека Швајцарија има долга традиција на неутралност. Навикната е да организира вакви самити, особено во Женева. Секако дека претставува предизвик. Последниот пат ваков самит се одржа пред 35 години, ако не грешам, и мислам дека токму тој факт одигра улога во желбата средбата да се организира тука, оцени швајцарскиот претседател Гај Пармелин.

Колку односите меѓу двете држави се на ниско ниво, покажува и самиот факт што со месеци веќе немаат свои амбасадори во Москва и Вашингтон. Но, во претходните изјави и двајцата претседатели порачаа дека се подготвени да соработуваат во областите каде имаат заеднички интерес. Путин смета дека доколку успеат да создадат постојани механизми преку кои ќе ги решаваат проблемите, тогаш времето потрошено за самитот нема да биде залудно. Бајден од друга страна, посакува двете земји да постигнат стабилност и предвидливост во односите. Откако претходно го нарече убиец, сега американскиот претседател, рускиот колега го претстави како достоен противник.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Домашен притвор за возачот кој усмрти пешак и избега- 9 пешаци загинале во Македонија од почетокот на годината, од Нова Година ќе се „пали“ Сејф сити

Дејан Дејан

Се урна зграда во Карачи – 16 загинати, над 20 повредени

Дејан Дејан

24 загинати, десетици деца исчезнати по катастрофални поплави во Тексас

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе