Македонија Топ вести

Кацарска: Никој не може да ми влијае на одлуките, а судењето за 27-ми април требаше да оди во живо. Уставниот суд ќе се отвара за јавноста

Затворен за снимателите поради случајно снимена кавга на две уставни судијки, со непрецизно објаснети иницијативи за проверка на уставноста, со забрана за новинарите во уставната сала да ги земат со себе мобилните телефони, без да се почитува деловникот и да се одржат најмалку две прес конференции во година- вака со години изгледаше транспарентната темница во Уставниот суд. Наместо да се отвори, тој со одлуки без објаснување се затвори кон јавноста на која треба да и служи.

Новоизбраната претседателка Добрила Кацарска тврди дека тоа ќе се менува и веќе е на новинарите нема да им се одземаат телефоните кои им служат како средство за работа. Кацарска ја почна функцијата овој месец, првото службено патување и беше во Уставниот суд во Бугарија, а денеска на дебата на институтот за човекови права ги претстави своите идеи за зголемена транспарентност на судот.

Но, во првото појавување во јавноста и прв одговор за синонимот „Кацарска-судство“ што го користи опозицијата која смета дека нејзиното поставување е исплатен долг од актуелната власт.

-Ниту една нереална критика, критика која не е заснована на факти не допира до мене. зарем после 34 години судски стаж некој може да оспорува мој избор во Уставниот суд. Секогаш сум имала добри резултати.  Мои учители како приправник ми беа судијатз Цаца и слични судии. Имаше од кого да учам. Критиката од опозицијата е секојдневна, жалам што тоа допира до мојата ќерка и до мајка ми, до мене- не. Се додека чесно ја вршам својата работа може секој да зборува што сака. Не постои политичар кој може мене да ми се јави и да ми каже како може јас да одлучам за еден предмет. Во мојата досегашна долгогодишна судска работа сум го докажала тоа, одговори Добрила Кацарска, претседател на Уставниот суд. 

-Нема земја во светот и нема политичар кој не сака да има влијание врз судството. Но, гарантирам и Ви ветувам дека никогаш ниту еден политичар не може да ми каже мене како да работам. Ветувам дека така ке биде и во наредниот период во Уставниот суд. Интересите на граѓаните, законитоста и уставноста се на прво место, истакна Кацарска.

Предметот поради кој Кацарска е на опозициски тапет е судењето за 27-ми април. Таа вели дека тој процес требаше да се емитува во живо со што ќе се спречеле актуелните манипулации.

-За 27-ми април се изнесуваат такви невистина и се доведува јавноста во заблуда и жалам што тоа се прави. Не може да стане збор за уставобранители, луѓе кои влегле во Собрание, во законодавен дом да се постави експлозивна направа, да се тепаат пратеници, новинари, полиција. А од друга страна да гледаме како припадници на полицијата лежи на фотелјите и како се поздравува у гушка со максирани лица или да слушаме маскирано лице качено на клупа како вели „пукај имаш чиста мета, во Заев“. На јавноста доволно и е јасно.  Единствено што жалам сметам дека тогаш не се направи некој план, тоа судење требаше да оди во живо комплетно. Јавноста гледаше снимки од 2-3 минути, една фотографија, само едно видео се емитуваше постојано на медиуми. Ние (во судница) гледавме два месеци постојано по десет часа снимки. Снимки од кои се згрозувавме, рече Кацарска.

Првата седница со нов претседател, Уставниот суд ја закажа за во четврток. Тогаш ќе бидат проверени и заложбите на Кацарска за поголема отвореност кон јавноста и граѓаните. Од институтот за човекови права пак велат дека за подобра заштита на правата на граѓаните треба да има промена и во деловникот на судот, но и во Уставот.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Нуклеарката Запорожје остана без струја, Украина ја обвини Русија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе