На српските патници кои со автомобил доаѓаат во земјава, на граничниот премин „Табановце“ од денеска им се делат м-смарт картички со која ќе може бесплатно да поминуваат на патарините до граничниот премин со Грција.
На картичките има кредит од 760 денари , колку што е потребно за поминување на коридорот 10 во двата патни правци.
Досега се изработени 65.000 картички и се предадени на МВР кое ќе издава по една за секој автомобил.
За оваа намена владата издвои 172 милиони денари за набавка на 200 000 картички кои ЈП за државни патишта ќе ги изработува сукцесивно.
Српските државјани ќе можат да ги искористат бесплатните патарини до 15 август, но м-картичките ќе можат да ги задржат и понатаму да ги користат со надополнување на кредит од најмалку 300 денари.
Владината одлука за ослободување од плаќање на патарини за српските туристи за време на летниот период беше донесена на 25 мај, а следуваше во знак на благодарност кон Србија за донацијата од вакцини против Ковид-19.
Снежана Митевска, раководител на смена , на граничниот премин Табановце, изјави дека досега биле издадени 400-тини картички за српски туристи, кои одат во Грција.