Кина го обвини НАТО дека ги оцрнува мирољубивите инцијативи кои доаѓаат од Пекинг откако алијансата вчера предупреди на системските предизвици од оваа азиска држава.
Постапките на Кина, вклучувајќи го и проширувањето на својот нуклеарен арсенал, претставуваат закана за меѓународниот поредок базиран на правилата, оцени Алијансата.
Ова е прв пат НАТО да ја смести Кина во центарот на својата агенда.
“Кина забрзано го проширува својот нуклеарен арсенал со повеќе проектили и голем број софистицирани системи за нивна употреба. Недостасува транспарентност во имплементацијата на воената модернизација, во воената соработка со Русија, вклучувајќи ги и вежбите во евро-атлантската област. Остануваме загрижени и заради употребата на дезинформациите од страна на Кина” – изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Иако 30-те шефови на држави и влади избегнаа да ја именуваат Кина како ривал, го повикаа Пекинг да ги исполни своите меѓународни обврски и да делува одговорно во меѓународниот систем.
Во својот одговор, Кина порача дека нејзината воената стратегија останува дефанзивна по својата природа и апелираше до НАТО, поголем дел од својата енергија да ја посвети на промоцијата на диjалогот.
“Нашето одбранбена и воена модернизација е оправдана, разумна, отворена и транспарентна” – оцени мисијата на Кина во Европската Унија во својата изјава.
Алијансата во последните години се повеќе изразуваше загриженост заради растечките воени капацитети на Кина, која ја смета за закана на безбедноста и демократските вредности на своите членки.
Сепак, иако алијансата оцени дека Кина е постојан безбедносен предизвик, францускиот претседател Емануел Макрон, на својата прес конференција испрати порака со поинаков тон, оценувајќи дека неопходно е да се земат предивид сите аспекти на соработката и односите со Кина.
“Мислам дека е многу значајно да не се деконцентрираме и да не го оптоваруваме нашиот однос со Кина. Тие односи се поголеми од воените прашања. Тоа е економски, стратешки однос. Тоа е технолошки однос и не треба да биде сведен само на НАТО, кој веќе има многу предизвици. Кога ќе видиме со кои проблеми се справуваме, терористичката закана, безбедносната архитектура со Русија, нашите соседи. Затоа мислам дека треба да ги прифатиме односите со Кина на многу поширок начин, како на Г-7” – оцени францускиот претседател, Емануел Макрон.
Кина во моментов ги има најбројните воени сили во светот, со повеќе од 2 милиони војници на активна должност.
Во последните години, Алијансата изразуваше загриженост и заради активностите на Кина во Африка, каде официјален Пекинг отвори повеќе воени бази.
Никола Илиевски