Во Струга нема дивоградби, опстојуваше на својот став градоначалникот Рамиз Мерко во вечерашното гостување на Топ Тема. Мерко не отстапува од тврдењето и покрај констатациите во ревизорскиот извештај, на кој што тој не поднел забелешки.
Треба да знаете, а сигурно тоа го има и во ревизорскиот извештај, дека на 3 март 2011 година се донесе закон за бесправно изградените објекти и дека секој има право да поднесе барање за легализација. Дали ќе го прифати Советот на општината, или не, тоа е сосема друга работа. Тие што се одбиени не значи дека треба да се рушат, туку ја немаат доставено целата документација. Бидејќи многумина се во странство, кои немаа можност да се пријават, има многу кои се надвор од земјата и кои немаат елаборати доставени, бидејќи не се тука, а ние сме ги барале во континуитет. Елаборатите се поднесуваа до пред една година, вели Мерко.
Градоначалникот на Струга не се согласува дека таквиот третман на овие поединци претставува неправда за останатите граѓани, кои за разлика од нив платиле комуналии и плаќаат данок на имот. Мерко тврди дека неговата општина има 90 проценти наплата на данокот на имот.
Во врска со платформите и кафулињата, градоначалникот смета дека се легални и имаат дозволи од Министерството за транспорт и врски, иако нивните концесии се истечени уште во 2017 година, и не се обновени. Сепак Мерко тврди дека во периодот од 2014 до 2016 година, кога бил пратеник во Собранието, биле усвоени измени на законот според кои концесиите од 5 години, се продолжуваат на 5 плус 3. Но и ова продолжување е истечено.
Без разлика што концесиите се истечени, тие се единствената, да кажам во наводници, понуда за туризмот во Струга, а и во Охрид. Да не мислат дека ако ги урнат, ќе имаат подобра понуда за гости. Ние бараме начин како да ги средиме овие работи, лесно е да се руши, вели Мерко.