Македонската фудбалска репрезентација загуби со 3-1 на стартот на Европското првенство во рамки на Групата Ц. Деби настапот нема да го паметиме по добро, но нашите фудбалери имаа позитивен резултат до 78-та минута.
Нека биде првиот натпревар и нашиот најлош на континенталниот турнир. Имавме добри моменти, но неискуството на вакви силни натпревари на големите натпреварувања, можеби се виде најмногу во финишот од дуелот, кога и го загубивме натпреварот. Имавме позитивни 1-1 до 78-та минута.
Штефан Лајнер во 18.минута го отвори резултатот по центаршутот на Марсел Сабицер. Само 10 минути подоцна Горан Пандев го постигна историскиот гол за Македонија на Европските првенства и воедно стана вториот најстар стрелец на континенталните турнири.
Михаел Грегорич во 78. минута погоди за 2-1 по центаршутот на Давид Алаба, а победата на Австрија ја осигура Марко Арнаутовиќ во 89.минута, што е прва за нив на Европските првенства.
Македонија на 17 јуни ќе ги одмери силите со Украина повторно на „Националната арена“ во Букурешт.