Непожелна личност или персона нон грата. Ова е статусот кој од денеска го има еден од двајцата македонски дипломати во амбасадата во Москва. Русија возврати со иста мерка и протера македонски дипломат како одговор на одлуката да се протера дипломат од руската амбасада во Скопје.
Официјална Москва соопшти дека станува збор за реципрочна мерка а македонскиот вршител на должност амбасадор во Моска утринава бил повикан во руското МНР.
„Денеска в.д. амбасадорот на Република Северна Македонија во Руската Федерација Оливера Чаушевска-Димовска беше поканета во МНР, каде ѝ беше врачена нота на Министерството, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“. Оваа мерка е одговор на сосема немотивирана одлука на македонската страна за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“, која беше донесена во мај оваа година“
Македонското МНР протерувањето го оцени како неоснован потег и политичка освета.
„Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка освета, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји.
Македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, преку социјалните мрежи соопшти дека одлуката на Руското МНР е неоправдана и ќе влијае врз односите меѓу двете држави.
На 14 мај македонските власти протераа дипломат од амбасадата на Русија во Скопје поради недипломатски активности кои биле детектирани и регистрирани.
Македонија протера руски дипломат и во 2018 година, но тогаш како солидарност со Велика Британија и во тесна консултација со сојзуниците во НАТО и во ЕУ заради случајот со труењето на Сергеј Скрипал, поточно како причина тогаш беше наведено користење на воено хемиско оружје од странана Русија што е во спротивност на Меѓинародното право и безбедноста на сите земји.
Огнен Чанчаревиќ