Со полициско обезбедување, но без проблеми, утрово започна уривањето на платформите и отстранувањето на урбаната опрема на најпознатите плажи на Охридското крајбрежје. Додека екипите со градежна механизација, ангажирани од локалната самоуправа, ја демонтираа металната конструкција на плажата „Куба Либре“, сопствениците револтирани, реагираа досега никој не ги известил што треба да изменат на плажата изградена според проект одобрен од надлежните пред 14 години.
-Во 2007 година ни дадоа проектна документација како да изгледа плажата. Отогаш до денес не е мрдната ни лево ни десно. Плажата е по сите можни проекти и дозволи од државата и општината, вели Марјан Маловчев, од плажата „Куба либре“
Иако концесијата за „Куба Либре“ е истечена во 2018 година, поранешните концесионери тврдат дека закупнината е платена до крајот на август, а се жалат дека со подмирени сметки, вчера им била исклучена и струјата. Велат не се точни пресметките на градоначалникот Константин Георгиевски, дека со истечени концесии нелегално во овие три години направиле профит од 190 милиони денари, односно 3 милиони евра.
-Не се 190 милиони профит, туку се 216 милиони промет. Имаме 500 илјади евра реинвестиции, 300 илјади евра се данок кон дражавата и сите платени концесии, вели Маловчев од „Куба Либре“.
Од Општина Охрид преку соопштение информираат дека нема да отстапат од одлуката да се воведе ред и да стави крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје.
„Остануваме посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките“, пишува во соопштението од Општина Охрид.
Освен на плажата „Куба Либре“, активности има и на плажите „Кадмо“, „Бела Виста“, а во наредните денови ќе се отстрануваат платформите и објектите на крахјбрежјето на на потегот кон населбата „Канео“, информираат од Општина Охрид.
Емилија Мисирлиевски