Премиерот Заев тврди – тајни средби и преговори со бугарската страна нема. Опозицијата обвини дека официјалниот преговарач Бучковски деновиве е на средби во Софија, но Заев негира.
Уверува дека комуникација се одвива само помеѓу двајцата министри за надворешни работи и кабинетите – а, во однос на оној Патоказ за исполнување на обврските на двете страни.
Македонија очекува деблокирање на процесот на 22 јуни и отворање на европскиот пат, а властите инсистираат дека тоа може да се постигне и без да се преминат македонските црвени линии.
„Ништо не криеме ниту пак нешто поразлично се разговара и преговара. На маса е португалскиот предлог. Ние рековме дека тој за нас е добра основа на којашто може да се пронајде решението. Несериозните изјави коишто се даваат од било кој па посебно од претседателот на најголемата опозициска партија, може да предизвикаат само штетни последици и уште еднаш само уште едно закочување на процесот на интеграции на Северна Македонија. Ете го каде е 22 јуни, ќе се знае што е разговарано!“ изјави Зоран Заев, Претседател на Владата на РС. Македонија.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи од Гевгелија испрати порака дека земјата гледа шанса во јунскиот самит.
Тежината на одлучување ја префрли на бугарската страна сметајќи дека тие имаат можност да донесат одлука за деблокада на Македонија. Сепак Османи предупреди граѓаните да не ги зголемуваат премногу очекувањата.
Во моментов сè разговара за содржината на Патоказот односно условите коишто и македонската и бугарската страна мора да ги почитуваат за да се спроведува Договорот за добрососедство.
„Се уште немаме постигнато договор по однос на таа содржина. Имаме уште неколку дена, неколку недели до 22 јуни меѓутоа не можам да кажам и да потврдам дека тоа ќе се случи до тогаш. Понатаму продолжува словенечкото претседателство со ист фокус, но како што кажав, јас и Владата во моментов шансата ја гледаме во самитот на 22 јуни, без да ги кренеме очекувањата на граѓаните премногу бидејќи не зависи тоа од нас. Зависи од состојбите во Република Бугарија и можноста тие да донесат одлука пред нивните избори“ изјави Бујар Османи, Министер за надворешни работи.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека премиерот Заев најпрво го окарактеризирал португалскиот предлог како неприфатлив за Република Бугарија, а сега вели дека истиот е на маса и поради тоа го повикаа, како што велат тие, да каже што продава.
Петар Догов