Додека се чека одлука за новата цена на струјата – последниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика покажува дека во земјава има значителен пад на домашното производство на електрична енергија.
„Односно од 6.744 GWh во 2010 година до 5.127 GWh во 2020 година, што е намалување за 24 %. Најголемо влијание врз ова намалување има производството на АД ЕСМ Скопје, коешто во 2010 година изнесувало 6.476 GWh, додека во 2020 година изнесува 3.643 GWh, односно има намалување за 44 %, наведено е во извештајот. Намалено производство има и кај хидро и кај термопотенцијалот.
Причините за намаленото производството во термоелектроцентралите се „Многубројните дефекти и прекини во работата на РЕК Битола, намалување на ископаните количества и на квалитетот на јагленот во РЕК Битола, приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите и несоодветните инвестиции, намалување на ефикасноста во работењето и друго. Во 2020 година АД ЕСМ се соочи и со поплава во рудниците во РЕК Битола, којашто доведе до подолготраен прекин на производството.
Термоелектроцентралата „Осломеј“ во последните 3 години има многу мало производство на електрична енергија, пред сè поради тоа што целокупните резерви на јаглен во РЕК „Осломеј“ се веќе искористени. Минатата година, во земјава имало 203 повластени производители на електрична енергија за кои државата исплатила 41,5 милиони евра, односно мегават час електрична енергија има ја платила по 105 евра. Но, ниту во извшетајот не се открива кој сопственик на централа колку пари добил од државата за повластеното произвдоство на електрична енергија.