Критериумите за почнување преговори со Европската унија се исполнети. На потег се земјите членки кои треба да го заштитат процесот на проширување. Со ваков став, македонската страна ја очекува средбата со бугарските власти, што треба да се одржи нареднава недела на граничен премин меѓу двете земји.
Министерот Бујар Османи, кој треба да се сретне со својот бугарски колега, вели дека не сака да ги подигне очекувањата, но верува дека јуни нуди голема шанса. Португалскиот предлог го смета за креативно решение со сенс за сите три страни, вкулучувајќи ја и онаа на земјите членки, зашто тоа што ќе се постави како модел со нас, може да отвори големи проблеми имајќи предвид колку билатерални прашања има во регионот.
Владеачката СДСМ ги поздравува позитивните сигнали. Смета дека и како партија и како Влада сториле многу во унтегративниот процес.
Хрватска би сакала Македонија да ги отвори преговорите со Унијата уште за време на португалското претседателство, вели амбасадорката Нивес Тигањ во интервју за МИА.
Северна Македонија спроведе бројни реформи, а некои беа навистина болни. Затоа заслужува отварање преговори што е можно побрзо. Истовремено, го поттикнува продолжувањето на дијалогот со Бугарија… И Хрватска имаше билатерална пречка на евроинтеграцискиот пат, но имаше политички консензус и сила за изнаоѓање компромисно решение.
Вчера, премиерот Заев најави средба со бугарскиот колега Стефан Јанев. Оваа погранична средба е можност за обновување на дијалогот и за отстранување на пречките за почнување на преговорите со Унијата. Нашата Влада е уверена дека овие обновени конекции со Бугарија може да дадат резултати.
Соња Николовска