Авионот со бугарскиот претседател Радев, претпладнево на кратко слета на скопскиот аеродром. Околу еден час подоцна, во него се качи уште еден патник, претседателот Пендаровски, за двајцата претседатели заедно да одлетаат во Рим, на чествување на светите браќа Кирил и Методиј.
Во кратката пауза помеѓу летовите, македонскиот и бугарскиот претседател релаксирано се дружеа. Велат дека сега само пиеле кафе, но во Рим, а и на враќање ќе поразговараат за проблемите.
Радев, кој беше пречекан и испратен од почесната гарда, даде куса изјава во која рече дека треба да се обнови дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво.
Двајцата претседатели утре ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе им оддадат почит ќе положат цвеќе пред пред спомен плочата на Светите браќа Кирил и Методиј.
Заедничкото патување на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји, во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија и за одблокирање на евроинтегративниот процес.
Претседателот Пендаровски денеска попладне во Рим ќе оствари средба и со италијанскиот претседател Серџо Матарела.
За денеска е планирано и потпишување на Договор за соработка меѓу Медиумската и Бугарската информативна агенција. Договорот ќе го потпишат директорите на МИА и БТА, а на потпишувањето ќе бидат присутни и претседателите Пендаровски и Радев.
Шефот на државата утре ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црквата, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.
Далиборка Демјанска Цветановска