Економија Македонија Најважни

Судска одлука може да ги зголеми каматните стапки

Можно е зголемување на банкарските камати. За сега, ова е само опција што се разгледува во банкарските кругови. Официјално, системот е стабилен и ликвиден,  но не е исклучено некоја од 15-те банки поединечно да ги зголеми каматните стапки.

Оваа неофицијална реакција ја предизвика одлуката на Уставниот суд, која содржи ревизија на позицијата на Фондот за осигурување депозити и го става во еднаква позиција со останатите доверители. Ваква реакција на банките не би била неочекувана и за експертите.

Народната банка испрати куса реакција – „Одлуката на Уставниот суд не треба да се контекстуализира со состојбата и стабилноста на банкарскиот систем. Тие состојби се ценат преку клучните параметри за неговото работење, а и на крајот од првиот квартал – остануваат поволни.“

Фондот за осигурување депозити ќе почека објавување на судската одлука во Службен весник, но објаснува дека „негова основна цел, како и до сега, е осигурување на депозитите на населението и обештетување на депонентите во случај на ризичен настан.

Иницијативата пред Уставниот суд ја поднесе Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка. Но, одлуката нема да важи за нив и ќе почне да се применува за евентуалните наредни стечаи. Петмина уставни судии: Јован Јосифовски, Осман Кадриу, Елена Гошева, Никола Ивановски и Дарко Костадиновски, сметаат дека членот 163 став 3 од Законот за банки внесува нееднаквост и дискриминација на пазарот, кога предвидува дека Фондот за депозити ги подмирува штедачите до 30 илјади евра, а останатите, како и правните лица, треба да го чекаат својот дел од стечајната маса. Останатите четворица судии: Вангелина Маркудова, Добрила Кацарска, Насер Ајдари и претседателот Сали Мурати, не само што гласаа против, имаат и издвоено мислење. Тврдат дека не е можно споредување на два различни вида побарувања – на Фондот и на другите субјекти, бидејќи токму давањето предност на Фондот претставува заштита на јавниот интерес.

Фондот за депозити е во државна сопственост. Гарантира исплата на штедните влогови до 30 илјади евра. Во случајот на Еуростандард банка, тоа е веќе сторено. Останатите штедачи и фирми одржаа серија протести за да не чекаат распределба на стечајната маса и успеаја да го премислат Уставниот суд, кој во февруари одлучи да не поведува постапка, а на 21 април поведе, по што денеска и го укина оспоредниот дел од Законот за банки.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео) ЦУК: Гори близу скопско Визбегово, чадот го обвива центарот на Скопје

Дејан Дејан

Биковски: Пензионираните пилоти може да се здобијат со лиценца за обука и да обучат млад кадар

Дејан Дејан

(видео)„На македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но вас за да го признаете тоа Ви треба чесност и интегритет“, рече словенечката европратеничка Ирена Јовева

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе