Двоцифрената милионска сума ги омекна срцата на обвинителките, па Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција одлучи да ја прифати кауцијата за екс директорот на УБК Сашо Мијалков, (со две пресуди од вкупно 20 години затвор), да може да оди во домашен притвор.
Гаранцијата, најголем дел во недвижности за обвинителството е доволна. Со речиси 11 милиони евра треба да се спречи ново бегство, криење на непозната локација или лекување од болест со слични симптоми на ковид 19, како што беа трите верзии во февруари.
“Обвинителството ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10.871.170,00 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата” – соопшти обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Последните информации се дека во судот се комплетира предметот и барањето за пуштање од затворски притвор на Мијалков по што во најскоро време но не денеска ќе биде одлучено.
Мијалков е во истражниот затвор Скопје во Шутка од 23-ти февруари кога по неколкудневно мистериозно исчезнување, со потера и меѓународна потерница по него, се појави пред обвинителството да си го земе сам решението за притвор. Беше отворена истрага за ова бегство која и беше доделена на обвинителката Ленче Ристовска, а досега нема информации што е откриено и каде бил Мијалков. Претходно по информации на обвинителката Вилма Русковска за можно бегство на Мијалков, судот му определи домашен притвор, но полицијата не успеа да го најде на домашна адреса.
Додека е во притвор за Мијалков беа донесени две првостепени пресуди, 12-годишна затворска казна за случајот со нелегалното прислушување „Тврдина-Таргет“ и 8 години затвор за случајот Трезор и нелегална набавка на софтвер за следење електронски комуникации.
Исто така во келија во Шутка најдолговечниот директор на тајната полиција ја дочека веста дека има и ново обвинение за него, повторно по истрага на СЈО за случајот Плацеви на Водно.
Миомир Серафиновиќ