Речиси една година по влегувањето во сила на Законот за обвинителство, се преиспитува неговата уставност и указот за негово прогласување.
Поранешниот министер Михајло Маневски, Тодор Петров и адвокатот Томе Тодоровски бараат Уставниот суд да го поништи законот и да донесе времена мерка, уверени дека законот не добил двотретинско мнозинство.
Спикерот Џафери го поништил гласањето со 74 за и 23 против и неуставно побарал ново гласање.
„Уставниот суд нема надлежност да одлучува за процедурални прашања на Собранието“, одговори Талат Џафери пред иницијаторите и пред судиите. Објаснува дека системот за гласање првично не регистрирал гласови на неколку пратеници присутни во салата, а потоа е донесен со потребните 80 гласа.
-Сите процедури се испочитувани. За донесување на закон потребно е исполнување на три елементи: гласање, соопштување резултати и констатирање дали Собранието го донело или не. Не може да се донесе заклучок дека законот не е донесен само поради еден од овие елементи, вели Џафери.
Оспорувачите на законот се уверени дека предизвикува дискриминација и нееднаквост меѓу граѓаните.
Прислушуваните материјали во обвиненијата поднесени до 30-ти јуни 2017-та се сметаат за докази, а подоцна – за индиции.
Законот е донесен пред 15 месеци. Со него, Јавното обвинителство ги презеде предметите и прислушуваните материјали од СЈО.
Пред да донесат одлука дали законот е уставен, судиите организираа подготвителна седница, за да можат директно да ги сослушаат и соочат спротивставените мислења.
Соња Николовска