Во наредните две недели нема да има нови препораки од Комисијата за заразни болести. Од таму за Телма велат дека иако состојбата со ковид пандемијата се смирува, сепак остануваат на ставот дека не треба да се олабавуваат мерките. Од Независната угостиелска комора очекуваа Комисијата да ги разгледа нивните барања, односно повеќе да не се ограничува нивното работно време, да се дозволи жива музика, повеќе лица на маса, но и организирање поголеми прослави според одредени протоколи.
Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државата е во благо опаѓање, а во меѓувреме, продолжува процесот на имунизацијата. Викендов термини за вакцинација добија сите над 40 годишна возраст, кои до 30-ти април се пријавиле на сајтот. Следни за вакцинација се пациентите со дијализа и трансплантација.
Граѓаните кои се имунизираа во соседна Србија со вакцините „Спутник В“, „ Фајзер“ и „ Синофарм“ , ќе се ревакцинираат во земјава. Исклучок се оние кои примија вакцини од „ Астра Зенека“. Оние граѓани и бизнисмени за кои вакцинацијата беше организирана преку Стопанската комора на Македонија ќе патуваат за Ниш за да ја добијат и втората доза на Астра Зенека на 19 -ти и 20 Јуни.