Причината е едноставна, да се спасат 50.000 градби на граѓани кои се под прагот на сиромаштијата и не можеле да ги легализираат своите објекти со претходните законски решенија. Премиерот Зоран Заев одново застана во одбрана на законското решение, на кое последно стави вето претседателот на државата Стево Пендаровски, одбивајќи да го потпише указот.
Од бурата реакции кои испливаа по гласањето на законот дека се остава простор да не се одговара кривично за нелегално градање, Заев ваквите обвинувања ги отфрла со повисоката цена за легализација на дивоградбите, со потврда дека нема да може кривично да се гонат поединци ако законот стапи на сила.
Законот се враќа во Sобранието и одлуката одново ќе биде на пратениците. Ако законот не се донесе општинарите ќе мораат да ги запалат багерите и да рушат, вели Заев.
Граѓаните граделе во национални паркови и заштитени подрачја. Се градело и покрај реки, езера, во шуми, на плажи и туристички локации, едни според законот, други на диво. Токму од овие причини Пендаровски гледа носење закон кој создава неправо, привилегирајќи ги оние кои не почитуваат закони и одби да стави потпис на законот.
Невладините и експертите остро го нападнаа законот за легализација на дивогради дека е спротивен на Уставот околу владеењето на правото и заштита на животната средина, а владата ја обвинија дека се обидува предизборно да направи противуставна амнестија на сторен криминал.
Носење на вакви закони какви што имавме и во минатото, испраќа порака дека непланската градба и лошата градежна пракса ќе ги охрабрат граѓаните да продолжат да подигаат објекти без дозвола.
Законското решение било тема и меѓу двајцата лидери на СДСМ И ВМРО_ДПМНЕ уште во март, но Мицкоски иако го поддржа, не објасни дали законот е договор меѓу него и Заев. Пратениците имаат 30 дена, доколку сакаат, повторно да го донесат законот. Амандмани можат да поднесат само на забелешките на претседателот. По тоа, тој е должен да го потпише указот.
Павле Беловски