Вести Македонија Најважни

Националниот план за вакцинација трансформиран во локален

Системот „Мој Термин“ Националниот план за вакцинација го трансформира во локален. Автоматското генерирање на термините за вакцинација согласно времето на пријавување и возраста, според надлежните, е причината зошто во некои градови во земјава се вакцинираат средношколци и лица на 20 години, додека во други, пред се во Скопје, за вакцина чекаат лица и по 40 години постари од нив, а не дека постои злоупотреба на системот.

„Немам апсолутно никаква информација дека има злоупотреба на системот, едноставно автоматски се генерираат термините согласно времето на пријавување и возраста. И повторно ќе кажам единствен механизам за да се вакцинира некој помлад пријавен во некој пункт, во некоја општина, е да нема пријавен никој постар. Доколку се пријави дополнително, ќе добие приоритет. И така ќе биде сега во сите градови и имаме предвид тоа каков е притисокот во Скопје, наспроти другите помали општини“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Националниот план за Вакцинација пак предвидува вакцинација по приоритетни и старосни групи во три фази и тоа според достапноста до вакцини во земјата. Па така по првата и втората фаза која ги опфаќа медицинските работници и критичната инфраструктура, лицата над 65 години и лица со здравствена состојба од висок ризик, третата фаза ги опфаќа стопанските субјекти, и здравата популација над 30 години, но се тоа распоредено на национално, а не на локално ниво.

Дека планот на хартија и спроведувањето во пракса не соодветствуваат покажува и последиот пример на вакцинација на 19-годишниот лидер на средношколците кој уредно бил поканет преку „Мој Термин“ за вакцинација во Тетово, каде деновиве, според информациите на Телма, на вакцинација биле повикани повеќе лица на 20-годишна возраст. По нив, дури денеска, стартува вакцинацијата на околу 2.000 луѓе со трансплантација и дијализа.

„И тоа е првата приоритетна група на пациентите кои што имаат некаква форма на хронична болест. После тоа ќе следат сите пациенти кои што имаат потешка форма на некаква хронична болест која што може да го засега, најпрво како приоритет, респираторниот систем. Тука се влезени и децата, родителите, како група со цистична фиброза, дел од пациентите со ретки болести, а понатаму сите други“, информира Филипче.

Но освен хронично болните на вакцина се уште чека и дел од критичната инфраструктура.

На прашањето, кој е сега точно на ред од критичната инфраструктура, бидејќи еве се уште не е вакцинирана и министерката за одбрана и нејзиниот кабинет, а се вакцинираат средношколци?, Филипче одговори:

„Во однос на критичната инфраструктура почнуваме следната недела. Има една донација на вакцини за полицијата, еве сега за армијата“.

Веднаш по нив во ред за вакцина ќе застанат и вработените во приватниот сектор со 300 до 400 луѓе на ден, по списоци доставени од стопанските комори, а составени според критериум на број на контакти со други луѓе на работното место и во процесот на работа. Но и во овој дел од Националниот план имаше „локални“ упади, како минатонеделната вакцинација на вработени во казино во Гевгелија на што регираше и самото Министерство.

„Вработените во Казината не спаѓаат во критична инфраструктура и не се во приоритетните групи за вакцинација. Најверојатно станува збор за недоразбирање и Министерството за здравство, веднаш стапи во контакт со Болницата во Гевгелија и предочи вакцинацијата да се одвива стриктно според Националниот план за имунизација“, беше наведено во реакцијата од Министерството за здравство од 11 мај.

Инаку до денеска интерес за вакцинација изразиле над 346.000 граѓани, од кои досега вакцинирани се 203.000, а ревакцинирани со втора доза се речсии 25.000 лица. Меѓу нив се и речиси 40% од возрасната популација над 70 години. Во моментов во земјава се трошат преостанати 150.000 дози на вакцини „Синофарм“ и многу помали количина на „Фајзер“ и „Астра Зенека“.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична за директорот на „Национален парк Маврово“ – штета над 3 милиони денари

Дејан Дејан

92-годишен маж прогласен за виновен за силување и убиство кое го извршил пред 58 години во Бристол

Дејан Дејан

Топлотен бран ја гори Европа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе