„Законот е пример за создавање на право од неправо. Ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале законите, на штета на совесните граѓани кои, при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи и уште повеќе, стимулира непочитување на правото„.
Ова е само една од многуте забелешки, поради кои претседателот Пендаровски одби да го потпише Законот за легализација на дивоградбите. Му го врати на собранискиот спикер со образложение дека е противуставен.
Особено спорен, за него е членот кој предвидува да запрат сите управни постапки за уривање на дивоградбите, како и судските постапки кои се во тек. Вели дека, со ова се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела.
Не помалку спорен е и делот во кој се предвидува легализација на дивоградби дури и во „строг природен резерват, национален парк, како и во санитарно заштитните зони на извори на вода за пиење“.
Ваквата можност, укажува Пендаровски, потенцијално го загрозува и јавното здравје. Владеењето на правото, потсетува тој, е основниот услов за влез во ЕУ, затоа и апелираше до сите пратеници, независно од политичката припадност, уште еднаш да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.
Опозицискиот лидер ги нарече естрадни политичари пратениците Трајанов и Морачанин кои деновиве даваа изјави против законот.
Ги повика да го блокираат со амандмани, велејќи дека тоа можеле да го сторат и до сега. Тврди дека тој и премиерот за законот разговарале уште на средбата во март.
Пратениците имаат 30 дена, доколку сакаат, повторно да го донесат законот. Амандмани можат да поднесат само на забелешките на претседателот.
По тоа, тој е должен да го потпише указот.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека министерот повторно ќе го отвори прашањето за овој закон веќе на наредната седница.
Далиборка Демјанска Цветановска