Актерите, музичарите, соло пејачите и балетските играчи ќе чекаат да пристигнат нови дози вакцини во земјава, за да бидат имунизирани.
Приоритет се граѓаните со најголем ризик за зараза, односно пријавените на „ vakcinacija.mk “ и кај матичните лекари, според старосната граница.
Помал број од вакцините се наманети за вработените во критичната инфраструктура, велат од Министерството за здравство.
(на телоп: Министерство за здравство)
“Вакцинацијата на вработените во институции од критичната инфраструктура ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на вакцини во земјата. Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се пријавуваат на vakcinacija.mk. Тоа е најлесниот и најбрз начин да се вакцинираат” – велат од министерството за здравство.
Одговорот од Здравство доаѓа по изјавата на министерката за култура Ирена Стефоска , дека од овој ресор пред 3 недели доставиле списоци за вакцинирање на „ најистурената“ група од 700-800 уметници и културни работници од установите од музичко- сценската дејност, плус од независната сцена и дека проценката дали наскоро ќе бидат вакцинирани ја прави Комитетот за имунизација.
Театарите, центрите за култура , Националната опера и балет и Филхармонијата , со одлука на Владата, ги отворија вратите за посетителите, по пауза од два месеци, поради третиот бран од пандемијата.
Со носење маски, дистанца и пополнување 30% од капацитетите на салите, во следниот период ќе бидат реализирани премиерите на монодрамата „ Кармен“ во Драмскиот театар, авторскиот проект „ Само глас“, во МНТ и претставата „ Грдиот“, со која театарот Комедија ќе настапи на фестивалот „ Гола месечина“. Но, одржувањето на фестивалите од музичко- сценската дејност , е посложено, рече министерката за култура. Јубилејниот, 55 МТФ „ Војдан Чернодрински“, е одложен за почетокот на октомври, а со почитување на протоколите , во редовните термини се враќаат „ Охридско лето“ и фестивалот ДАФ. „ Мајските оперски вечери“ , трансформирани во „ Мајски концерти“ , започнаа и ќе одат онлајн, со исклучот на затворањето , кога операта „ Аида“, ќе биде изведена во скратена верзија на отворено, со публика. Со ограничен број посетители, утре во МКЦ ќе се одржи концертот на ЗЏМ.
Сотир Трајков