Ова се инсерти од читачката проба со маски за претставата „ Грдиот“, која по текстот на Мариус Фон Мајенбург, а во режија на Ирена Стеријовска, ансамблот на театарот Комедија ја подготвува за претстојното издание на фестивалот „ Гола месечина“. „ Комедија“ е еден од театарите во земјава, кои покрај центрите за култура, Националаната опера и балет и Филхармонијата, по два месеци пауза поради третиот бран од пандемијата, со одлука на Владата, од денеска полека ги отвораат вратите за публиката со физичко присуство, со носење маски и со пополнување 30% од капацитетите на салите. Со почитување на протоколите, на 21 мај во Драмскиот театар ќе се одржи премиерата на монодрамата „ Кармен“, во режија на Дејан Пројковски, а во МНТ, во завршна фаза е подготовката на авторскиот проект на Марјан Нечак „ Само глас“, велат од таму. Но, за разлика од установите, враќањето на фестивалите од музичко – сценската дејност е покомплицирано вели министерката за култура.
И од тие причини, некои од фестивалите се одложуваат, а некои каде што проценката е таква ќе се случуваат. Но, со строги протоколи за работа.
Од традиционалниот термин во јуни, за почетокот на октомври е одложено 55 јубилејно издание на МТФ „ Војдан Чернодрински“, кое лани беше откажано. Според претседателката на фестивалското Собрание, Катерина Коцевска, постои надеж дека епидемиолошката состојба ќе дозволи фестивалот на есен непречено да се одржи. А, по една година скратено издание, 61-то „Охридско лето“, е планирано за редовниот термин, од 12 јули до 20 август.
Охридско лето ни една година не изостанувало во својот квалитет и реализација на големите уметнички имиња пред се од нашата земја, а и од странство. Така што публиката и сите нас не очекува многу богата и разновидна програма програма и во класичната музика и во театарот.
„ Мајските оперски вечери“, годинава се трансформирани во „ Мајски концерти “, кои започнаа на 9 мај и ќе се одржат он лајн. Планирано е само затворањето на 31-ви да биде со изведба во живо , на скратена верзија на операта „ Аида“, на платото пред НОБ.
Во меѓувреме, се чека одлуката на Комитетот за имунизација, за вакцинирање против Ковид- 19 на 700 до 800 вработени културни работници во установите од музичко- сценска дејност, но и од независната сцена, за што веќе се доставени списоци од Министерството за култура.
Сотир Трајков