Никој во Европската унија не сакаа разделување на пристапниот процес на Македонија и Албанија и двете земји треба да ги почнат преговорите најбрзо што е можно е пораката која втор ден по ред ја пренесе првиот човек на надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жозеп Борел, откако најавата за делење на двете земји на еврокомесрот за проширување Оливер Вархеи ги крена на нозе македонските, но и претставниците на некои од најмоќните европски земји. Борел позицијата на ЕУ ја повтори по денешната средбата со македонскиот премиер, Зоран Заев, во Брисел.
„Да повторам, многу јасно, го направив тоа вчера по состанокот на советот на министри на прес-конференцијата и сакам да повторам денеска дека нема поддршка за разделување, ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите-членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови да ги започне преговорите и слично како Албанија заслужува да продолжи во следната фаза од процесот, без одложување“, порача Борел.
Борел ја искористи изјава по средбата со Заев да ја пофали Македонија за високо-усогласената надворешна политика со онаа на ЕУ, што според него освен што е многу важно е и храбро бидејќи е свесен дека земјава понекогаш ја плаќа цената поради тоа.
Заев пак на Борел, кој претходно потсети дека земјава чека 16 години и дека е втора по годините на чекање пред вратата на ЕУ, му порача дека Македонија не сака повеќе да чека.
„Посветени сме на нашите заеднички вредности и на имплементација на стандарди и критериуми на ЕУ и не сакаме повеќе да стоиме и да чекаме. Ние не бараме повеќе од тоа што го заслуживме, а тоа е да ја одржиме првата меѓувладина конференција, најбрзо што е можно“, изјави Заев.
Заев го потсети Високиот претставник дека од тоа каква порака Унијата ќе испрати до Македонија е порака испратена и до целиот регион.
Заев кој изминативе три дена се сретна со највисоките претставници на Европската комисија и на Еропскиот парламент во Брисел со кои разговараше за деблокада на стартот на преговорите, со барање да се зголеми нивниот ангажман да се постигне решение и да се убеди Бугарија да го крене ветото, пораките кои им ги испорачал ги сублимираше во видео обраќање.
„Сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција. Додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме“, информира Заев што им каало на европските претставници.
Заев притоа вели дека бил јасен во пораката макеондскиот идентитет и јазик да бидат тргнат од каква и да е дискусија од масата за преговори во Брисел, како услов Македонија да ги продолжи разговорите за својата европска иднина. Без конкретно да ја спомене тој испрати порака и до Бугарија.
„Со Македонскиот идентитет не смее да си игра ниту мојата влада, ниту која било друга влада и уште помалку друга држава или Унија во која се уште не сме членка“, е пораката на Заев.
Тој од Брисел патува за Мадрид каде утре ќе се сретне со шпанскиот премир, а во четврток европската агнеда ја продолжува во Грција со учество на Делфи форумот.
Тамара Грнчароска