Европската комисија да биде поактивна во барањето решение за деблокирање на стартот на преговорите со Македонија. Ова барање денеска во Брисел на претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен и го испорачал македонскиот премиер Зоран Заев, на средбата од која е лиферувано само соопштение. Средбите Заев – Фон дер Лаен овековечена само со инсерти и соопштение од македонската влада во кое освен барањето Комисијата поактивно да се вклучи во надминување на блокадата, цитирана е и порака од Заев дека земјава нема да преговара за идентитетските прашања.
„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порача на средбата со претседателката на ЕК Фон дер Лајен премиерот Заев.
Во отсуство на официјaлни изјави за средбата информираше портпаролот на Европската комисија.
“Тие разговараа за сериозни теми. Претседателката ја повтори нејзината поддршка за отпочнување на преговорите со Северна Македонија. Таа е многу задоволна од реформите во Северна Македонија во контекст на процедурата за пристапување и ги охрабрува властите да продолжат на тој начин“ -изјави Ерик Мамер.
За тоа дали претседателката на ЕК го поддржува ставот на евркомесарот за проширување Оливер Вархеји дека е можно одвојување на Албанија и Северна Македонија, Мамер само кратко искоментира:
„Се извинувам, не знам што мислите под раздвојување на Албанија и Северна Македонија.“
И ѝ го препушти микрофоот на колешката Ана Писонеро повторно да го објаснува ставот на Вархеи околу раздвојувањето на двете земји, но овојпат со доза на ретерирање.
„И според комесарот и она што барате да го слушнете е дека ако нема договор меѓу Северна Македонија и Бугарија најверојатно ќе биде на Советот да одлучи. Ние кажуваме дека Албанија веќе ги исполнила условот, но на Советот е да дискутира за тоа, не е на нас“, рече таа.
А Вархеи пак утрово на средбата со Заев, придружуван од вицепремиерот Димитров и шефот на дипломатијата Османи, само една недела откако во Скопје им приреди студен туш дека е можно само Албанија да ги почне преговорите, им порачал дека неговата цел е до крајот на јуни ЕУ да ја усвои преговарачката рамка за земјава и да стартуваат преговорите. Тој ги уверувал дека деблокадата на европскиот пат на Македонија е приоритет број 1 за Унијата и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија за деблокирање на процесот.
Заев пак на Вархеи му пренел дека во техничката влада во Бугарија гледа можност за скоро решение, но очекува другата страна да биде охрабрена да го направи тоа, но и оти Македонија е подготвена на уште еден обид за разговори со Бугарија во претстојниот период, но не и за идентитетските прашања.
Тамара Грнчароска