Изложбата „Голем формат II“ , со дела oд колекцијата на Музејот на современата уметност Скопје, ќе биде отворена за посетители од утре (11.05.2021), а ќе трае до почетокот на јуни.
На изложбата ќе бидат претставени слики, скулптури и инсталации во голем формат од 9 уметници. Селекцијата на делата ја направи кустосот Благоја Варошанец. Изложбата вклучува дела од домашни и странски уметници : Могенс Андерсен, Елизабета Аврамовска, Жанета Вангели, Бернхард Гарберт, Рене Дивије, Исмет Рамиќевиќ, Петар Хаџи Бошков, Анџело Титонел и Симон Шемов.
Изложбата го преиспитува односот на уметничкото дело во релација со архитектонскиот простор и набљудувачот.
- Како го перцепираме форматот во уметноста? Огромен пластичен сладолед, огромни кучиња од бaлони, долги ролни од насликани платна или едноставно зголемени фото-
портрети насликани на згради низ целиот свет се некои од примерите, каде димензијата во изразот е доминантен елемент во естетиката на уметничките дела. Форматот се однесува на големината на објектот во однос на друг објект, и не ретко може да биде еден од принципите на организација на визуелните и структурните елементи во уметноста. Форматот во уметноста не се однесува само на големината на уметничкото дело, туку е релационен принцип за односот кон предметите или односот кон човечкото тело. Релациската естетика стои во основата на уметничко дело, а корпореалноста или просторната компонента може да се сметаат како мерки кои го дефинираат или се во сооднос со големината или перцепцијата на делото“, вели кустосот Благоја Варошанец.
Изложбата е поставена во третиор галериски простор на МСУ.