Љубовта, односно помирувањето траеше кратко. Само еден ден по средбата меѓу претседателот на државата и опозицискиот лидер, повторно остри тонови. Мицкоски го обвини Пендаровски за дволичност. Вели, внатре се согласиле за се, но претседателот едно зборувал на средбата, а друго пред новинарите.
Од Кабинетот одговорија дека, ставовите на претседателот Стево Пендаровски за настаните од 27 април и се кристално јасни на македонската јавност и воопшто не зависеле од средбата со Мицкоски. Според нив, фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците ги кажувал само своите ставови и оценки за тие настани.
По средбата, Пендаровски излезе со изјава дека, не заговара ревизија на судскиот процес, туку граѓанско помирување, за „луѓето да не се гледаат преку нишан“. Според него, упадот во Собрание е терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а не кривично дело тероризам.
Тој за денеска најави и средба со Заев, која наводно е редовна и затоа не е отворена за јавност.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека, квалификацијата „тероризам“ е претешка за учесниците во настаните од 27 април во Собранието. „Применето е насилство врз народните избраници, применета е бруталност, но не и тероризам. Се знае што значи тероризам“, вели тој. Побара случајот што поскоро да добие завршница.
Овие изјави, според аналитичарите, се некоректни.
Второстепената пресуда од Апелација ја чекаат и семејствата на обвинетите за „27 април“, за да можат да искористат вонреден правен лек, односно да презентираат нови докази пред Врховниот суд и Европскиот суд за човекови права.
Далиборка Демјанска Цветановска