Одвојувањето на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ е можно сценарио, но за тоа не постои никаква одлука на Советот на унијата, ниту пак за тоа е разговарано. Ставот на ЕК во моментов е дека и двете земји се подготвени за преговори. Сепак ако дојде до тоа земјите членки да одлучат дека само Албанија треба да започне преговори, што го најави еврокомесарот Вархеи, од Европската Комисија велат дека не би се противела на овој став, бидејќи земјата сега ги исполнува сите преостанати услови.
Ставот на Комисијата е јасен, и не е променет. А тоа е дека сакаме првата меѓувладина конференција да се случи со двете земји, и Албанија и Северна Македонија. Сметаме дека двете земји ги исполнија условите за ова. Секако за ова да се случи, потребно е Советот да се согласи за преговарачките рамки, и тука се наоѓаме.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји продолжѓува да го промовира ставот за одвојување на Албанија и Македонија. Во кусо интервју за Еуроњуз повтори дека не се исклучува Албанија да започне преговори сама доколку нема едногласен компромис во Советот на ЕУ за Македонија.
Ако наидеме повторно на потешкотии со Северна Македонија, што значи да не успееме да ги убедиме и Бугарија и Северна Македонија да најдат заедничко прифатливо решение, тогаш ќе се појави прашањето дали да одиме напред само со Албанија и ќе треба да се размисли за тоа прашање.
Одлука со консензус за одвјување на Македонија и Албанија треба да има во Советот. Но, такво нешто засега нема, и никој не го споменува. Дополнително што поддршка за Скопје и Тирана да останат заедно и да нема никакво одвојување во пристапните преговорите и денеска ја потврдија Германија, Словачка, Австрија, Италија, Франција.
Бриселските медиуми поставуваат ново прашање – дали Вархеји можеби солира во оваа своја најава. Неговата изјава наиде на бурни реакции во Унијата. Високи функционери за порталот Политико и за Вол стрит журнал велат дека не се подготвува никакво раздвојување на Скопје и Тирана, како и тоа дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската Комисија. Овие високи функеционери за Политико сугерираат дека унгарскиот комесар можеби е премногу добро поврзан дома, каде што поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, го доби она што Унгарија го нарекува азил, откако беше осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба, пишува Политико.
Премиерот Зоран Заев в понеделник оди во Брисел. Ќе се сретне со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, а оваа тема секако ќе биде ставена на маса.
Алиса Шутиноска