Детската амбасада Меѓаши добила дојави дека средношколците кои ја бојкотираат наставата се уценувани. Преку СОС линијата за млади на Меѓаши средношколците пријавиле прекршување на нивните права, по најавата за донесување нов Закон за дигитализација на учебниците. Како што пишува Меѓаши, учениците се загрижени дека им е загрозено психо-физичкото здравје и дека им се занемарува здравствената состојба и заштита.
Освен ова, има и јавувања од родители и старатели во врска со бојкотот на он-лајн наставата. Како што информира Меѓаши, во една од тие дојави се вели дека на учениците им се упатуваат предупредувања од класни раководители, дека со три неоправдани изостаноци следува укор, и намалено поведение кои ќе произлезат од бојкотот, што претставува закана по правото на изразување на незадоволството од предвидените реформите и начинот на нивно имплементирање.
Детската амбасада Меѓаши вели дека го поддржува ученичкото организирање и остварувањето на нивните уставно загарантирани права. Учениците имаат право да се самоорганизираат, здружуваат, да се залагаат за своите интереси пред институциите, да бидат слушнати и нивното мислење да биде земено предвид при донесувањето одлуки од страна на надлежните институции. Детската амбасада го повикува Министерството за образование и наставниот кадар да им овозможат на учениците да бидат дел од промените од кои се директно засегнати.