Решавање на билатералниот спор со Бугарија е клучот за старт на преговорите со европската Унија и доколку тоа не се случи голема е веројатноста Aлбанија сама да ги почне преговорите уште во јуни а Mакедонија да остане повторно во чекалната, овој пат сама.
Ова е пораката која што ја испрати еврокомесарот Оливер Вархеји при денешната посета на Скопје.
На средбата меѓу Заев и Вархеји во Владата било дискутирано токму за овој проблем а заклучокот е дека напредок има, мора да се работи уште и мора да се најде решение.
Политичката криза во Бугарија, неуспехот да се формира Влада и повторните парламентарни избори ставаат дополнителен терет при решавањето на билатералниот спор и ќе влијаат врз временската рамка во изнаоѓањето на решение.
Еврокомесарот Вархеји кој во октомври минатата година, најавите за вето од Бугарија ги оцени како „драматизирање“, сега е на став дека ветото само по себе е драма и дека мора да се најде решение.
Австрија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и стартот на преговорите и доколку побараат двете држави ќе посредува во решавањето на спорот. Министерката за Европа, Kаролине Едштадлер, децидна, идејата да се раскинe пактот и Aлбанија сама да ги почне преговорите е неприфатлива.
Идентичен е и ставот на официјален Берлин кој вчера го соопшти шефот на германската дипломатија Хајко Мас.
Македонија го исполни својот дел од задачите и обврските, билатералниот спор не смее да биде пречка за старт на преговорите со ЕУ и Македонија треба и мора да остане во пакет со Албанија.
Огнен Чанчаревиќ