Далеку од целосно слободни, економски на работ на егзистенцијата, со непочитувани работничките права.
Во вакви услови македонските новинари денаска го одбележаа 3 мај Светскиот ден на слободата на медиумите.
Во општество кое покрај со пандемија се бори и со длабоко поделена јавност која се храни со омраза и вербално насилство, да се биде новинар, снимател или фоторепортер значи да се биде изложен на сериозен ризик – категорични се од Синдикатот на новинари.
Испратија силни пораки – Новинарството е столб на демократијата. сободни новинари, значат слободно општество.
“ССНМ повторно забележа година во која постојано се прекршуваа работничките права во медиумите, а новинарите и медиумските работници продолжија да бидат недоволно платени, во прекаријатски однос, со несигурни работни места. Девизата дека уплашени и економски и социјално несигурни новинари и медиумски работници не може професионално да ја извршуваат својата основна задача – одбрана на јавниот интерес – е актуелна и денес. Затоа сметаме дека само зајакнување на работничките права и на социо-економската состојба на новинарите ќе придонесе кон поголема слобода на медиумите и попрофесионални медиумски производи” – вели претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Да не се дозволи истурање државни пари во медиумите како во минатото- бидејќи тоа е најлесен пат за корумпирање на медиумите – бара синдикатот. Според Беловски, помошта за медиумите мора да се води според два принципи – помош за новинарството и за развој на медиумите и да има однапред креиран систем за контрола и увид.
Од Здружението на новинари пак како најголем предизвик ја издвојуваат борбата за професионалното наспроти пропагандистичкото новинарство. Сметаат дека само со објективни и точни информации и транспарентна Влада може да се добие битката против дезинформациите.
Слободата на медиумите е сè уште под закана – порача високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.
ЕУ ќе продолжи да се спротивставува на какви било ограничувања на слободата на изразување и цензура- рече Борел.
„Во време кога независното и слободно известување за медиумите е поважно од кога било, слободата на медиумите е сè уште под закана. Новинарите продолжуваат да имаат тешки работни услови со зголемен финансиски и политички притисок, надзор, арбитрарни затворски казни или се изложени на насилство заради вршење на својата работа”, се вели во изјавата на Борел.
Податоците на УНЕСКО покажуваат дека од 2020 година во светот се убиени 76 новинари, додека многу се апсени, малтретирани или биле под закани.
Во последните 30 години пак убиени се 2,658 новинари, а во моментов 235 се во затвор.
Според овогодинешниот извештај пак на “Репортери без граници“ за слобода на медиумите, земјава бележи скок од две места и сега се наоѓа на 90-то место од вкупно 180 земји во светот. Иако тоа е мал напредок, сепак за новинарските здруженија тоа е сè уште е разочарувачка позиција.
И синдикатот и ЗНМ бараат- итно да се донесе законот со кој нападите врз новинарите и медиумските работници ќе се третира како напад врз службено лице.
Александра Филиповска