Турскиот бегалец Фатих Озер кој е осомничен за измама со крипто валутата Тодекс во Истанбул не е во Македонија, а македонските полициски служби постапуваат по меѓународната потерница на Интерпол, одговорија за Телма извори од МВР.
Озер пред десетина дена избегал од Турција откако измамил 400 илјади луѓе за околу 2 милијарди евра вложени во турската крипто валута Тодекс. Било утврдено дека Озер со авион стигнал во Албанија. Иако турските и албанските власти имале информации за неговата скривалиште во Албанија, тој не бил најден во посочениот објект.
Македонските власти биле информирани за бегалецот, а по извршена проверка на граничните премини и аеродромот во Скопје е утврдено дека неговиот пасош не бил искористен за да ја премине границата.
Бидејќи Македонија граничи со Албанија, за бегалецот преку турската амбасада се добиени и дополнителни информации и фотографии за поуспешна потрага. Засега нема никакви сознанија дека Озер бил или поминал низ Македонија, велат полициски извори. Измамата на Озер од две милијарди евра тежи колку половина од последниот државен буџет на Македонија. Во Турција е покрената истрага во која се уапсени 60-тина лица.
Миомир Серафиновиќ