На предлог на Министерството за правда, владата на вчерашната седница утврди Предлог-закон за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.
Измените на Законот за матичната евиденција беа најавени уште во 2019 година, односно, по донесувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во корист на трансродовите лица.
Анонимизираното трансродово лице Икс ја тужеше Македонија поради повреда на правото на приватност и неефикасен правен лек во земјата.
Тужителот „Икс“ го променил полот од женски во машки, но не можел административно да ја впише промената поради непостоење на соодветна законска рамка. Судот посочи на отсуство на регулативна рамка во домашното законодавство.