Во пресрет на 30 април- Меѓународниот ден на џез музиката, на иницијатива на Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт-УНЕСКО, Здружението на џез музичари за прв пат организира и спроведе избор на изведувач, кој е автор на домашната пораката по повод празникот на џезот. Честа прв да испрати порака му припадна на истакнатиот џез гитарист Зоран Костадиновски. Тој во пораката вели дека преку џез музиката се чувствува слободата.
- За мене џезот е тежок за дефинирање. Тој е „усна“ традиција, но се води по музички правила. Џезот е и емоција, и идеја, и способност добро да раскажуваш, и кружење на енергијата. Тој те учи на дисциплина, на трпеливост, на солидарност, те учи како внимателно да го слушаш другиот. Додека свириш, треба да носиш брзи и несвесни одлуки за тоа во кој правец ќе се движи музиката и, многу често, исто како во животот, се греши. Сепак, нешто те тера да не се откажуваш, да се трудиш да се подобриш, да се стремиш да ја видиш светлината, иако знаеш дека никогаш нема да ја достигнеш.За мене џезот не е само музички стил, тој е и слободата која имаме привилегија да ја почувствуваме преку него. На сите луѓе, среќен Меѓународен ден на џезот, вели Костадиновски.
Тој е еден од водечките џез гитаристи во Македонија. Дипломирал џез гитара, а магистрирал музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје. , каде што е и хонорарен професор по предметот гитара – популарни жанрови. Костадиновски е член на биг-бендот на Здружението на џез музичари, во чии рамки, меѓу другото, настапувал со еминентниот саксофонист Дон Менза (САД), под палката на маестро Зиги Фајгл (Австрија).
Како автор се јавува на два носачи на звук со составот „Кабадајас,“ со кој има настапувано на бројни фестивали во земјава и регионот. Зоран Костадиновски зад себе има бројни настапи како гостин на Македонската филхармонија и на Македонската опера и балет.