Претседателот Стево Пендаровски е во дводневна работна посета на Брисел. Утринава се сретна со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји. Се заблагодарил за неговиот ангажман за распределба на 651 илјада дози од вакцината фајзер за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119 илјади вакцини.
Претседателот порача дека е клучно да се забрза процесот на вакцинација во претстојниот период и да се овозможи животот да се врати во нормала што побрзо, заблагодарувајќи се на ЕУ за целокупната поддршка и помош.
Двајцата соговорници разговараа за можностите за исчекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во рамките на Европската Унија што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи. На средбата се разменија мислења и информации за надминување на проблемите со Бугарија. Претседателот Пендаровски и комесарот Вархеји ја посочија важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во Европската Унија.
Вархеји по средбата се огласи кусо преку Твитер. Ја истакнав поддршката за официално отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка. Важно е Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение, напиша Вархеји на Твитер по средбата со Пендаровски.