Се обидел да побегне на полициска контрола и физички нападнал полицаец, 49-годишник од гостиварското село Балиндол заврши во притвор. Настанот дури и бил снимен со мобилен телефон од случаен минувач, а видеото беше споделувано на социјалните мрежи.
На осомничениот мерка притвор од 8 дена му определил судија во претходна постапка на Основниот суд Гостивар, бидејќи се сомничи дека сторил кривично дело „напад на службено лице при вршење работи од областа на безбедноста. Лицето е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор “Скопје” во Скопје за издржување на притворот.
49-годишникот, на 24 април околу 17 часот и 10 минути, на улица „Браќа Ѓиновски” во Гостивар, нападнал полициски службеник додека извршувал службени дејствија од областа на сообраќајот, по што бил приведен.
Поединци воопшто не ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, а не ги плашат ниту засилените полициски контроли.
За само 6 часа вчера во тетовско- гостиварскиот регион биле казнети 170 возачи за управување со брзина поголема од пропишаната. 122 прекршоци биле направени надвор од населено место и 48 во населено место. Со дури над 70 километри на час над дозволената брзина возеле 34 возачи, додека 107 со дури над 50 километри на час над дозволената брзина.
Данијела Билбилоска