Со рестриктивните мерки епидемиолошката слика во Прилеп се подобрува, но е далеку од стабилна, велат од прилепскиот Центар за јавно здравје. Во градот кој е едно од најголемите жаришта на коронавирусот во овој пролетен бран, се уште е висока неделната инциденца, како и процентот на позитивни од вкупниот број тестирани.
Бројот на заболени во Општина Прилеп неделно изнесува 290 на 100 илјади жители, а како параметар што покажува каде се движи епидемијата тој број треба да е под 120, што значи дека се уште станува збор за широка трансмисија и распространетост на вирусот, вели Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје.
Стручњаците уште еднаш предупредуваат на големата заразност на британскиот сој кој е доминантен, поради што претстојните празници се сериозен и голем предизвик. И натаму во Прилеп, покрај возрасната категорија над 60 години, посебно со хронични заболувања, голем е бројот на заразени млади луѓе.
Ќе очекуваме од Комисијата за заразни болести што ќе се случува за време на верските и мајските празници, затоа што пред нас е период кој што е голем епидемиолошки ризик. Биолошките карактеристики на британскиот сој, кој е многу заразен, се уште зборуваат дека е доминантен на нашата територија, а на удар на вирусот се помладите на возраст од 30 до 40 години, вели Николоска.
Во прилепската болница хоспитализирани се 98 пациенти, а 80 од нив со тешка клиничка слика и на кислородна поддршка. Прилеп, е меѓу првите три градови во државата по бројот на заболени од почетокот на пандемијата, над 6000, а има највисок морталитет, односно од последици од коронавирусот починале 389 прилепчани.
Емилија Мисирлиевска