Десетте илјади вакцини на „Фајзер“ се преполовија за само една недела. Се ситнат количините на достапни вакцини – во фрижидерите останаа нешто повеќе од 11 илјади дози вкупно.
Не за уште долго, тврдат здравствените власти. Додека граѓаните очекуваат најгабаритната пратка досега да пристигне и да се подели низ градовите, од Здравство уверуваат дека процесот тече и ќе тече како што беше предвидено.
Следната недела ќе следи и премин од една во друга фаза на приоритетните групи за вакцинирање брифираат од Министерството на прашањето – како ќе се одвива процесот во следниот период.
Од почетокот на имунизацијата во нашата земја, согласно Националната стратегија таргетирани се три главни приоритетни групи со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт, како и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура. Веќе следната недела со доаѓањето на нови дози вакцини ќе има измена на приоретизација и преминување на приоритетните или субприоритетните групи од една во друга фаза на вакцинација, велат од министерството.
Властите најавуваат, опозиционерите критикуваат. Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Социјалдемократскиот сојуз дека е извор на лажни вести и дека се што во земјава пристигна како вакцинална пратка беше или преку донација или од КОВАКС-механизмот.
Од Министерството за здравство возвраќаат со конретни бројки.
Државата доби вакцини од повеќе производители преку систем на солидарност на Србија која во два наврати испрати 8000 дози Фајзер и 20.000 дози од вакцината спутник. Донација добивме и од ОАЕ во која добивме 2000 дози од кинеската вакцина, соопштуваат од мз.
Појаснуваат дека 24 илјади дози од вакцината Астра Зенека кои дојдоа преку систмемот на СЗО се преку договор со нив, а преку директните преговори со руските здравствени власти за „Спутник“ и договорот со „Фајзер“ се обезбедија уште по 6 илјади, односно по 10.580 вакцини.
На прашање дали земјава може да стравува од скандалозното сценарио кое им се случи на дел од европските земји коишто се доведоа во ситуација да фрлаат вакцини ако некој пациент не се јави во дадениот термин за имунизирање – а, некои од вакцините како онаа на „Фајзер“ мора да се искористат веднаш штом се отвори вијалата, од Министерството за здравство тврдат дека во Македонија вакцини не се фрлаат и нема да се фрлаат, затоа што вакцинацијата е плански организирана.
Петар Догов