Компаниите до крајот на месецот може да аплицираат за да ги добијат парите за финансиска поддршка за исплата на плати – но од владата засега нема најави дека истата мерка ќе продолжи во следните месеци. Во февруари и март – 18.772 компании не исплатиле плата на свпоите вработени. Но УЈП – имајќи предвид дека не се стигнати субвенциите од петтиот пакет нема поднесно опомена и присилна наплата.
Во февруари и март годинава 64.609 работници не добиле плата. Односно, нешто помалку од 19 илјади компании, чекајќи ги мерките од петиот пакет ги оставиле вработените без платата два месеци.
„Имајќи предвид дека се очекува реализација на мерката за финансиска поддршка од петиот сет антикризни мерки се уште немаме започнато, како даночен орган, да спроведуваме присилна наплата по неплатени МПИН за февруари, ниту опоменување за неплатените МПИН за месец март 2021“ – Сања Лукаревска, директорка на УЈП.
За да ги добијат субвенциите за плати за февруари и март, компаниите ќе може да аплицираат во крајот на месецот, но нема најави дека оваа мерка ќе продолжи.
„Во овој момент, не можам да ви кажам дека повторно ќе има мерка за плати, ќе следиме според потребите и така ќе реагираме“ – Фатмир Бесими, министер за финансии
Освен тоа што финансиската поддршка за плати целосно може да стане неповратна ако се инвестира во основна опрема, грант може да бидат и дел од кредитите од бескаматната линија.
„Фирмите ќе може да аплицираат за кредити од 3 до 30 илјади евра и предвидено е за компаниите што ќе го зголемат бројот на вработени или прометот, дел од бескаматниот кредит да им се трансформира во грант“ – Фатмир Бесими, министер за финансии.
За неколку месеци ќе биде готов и ребалансот на буџетот а во меѓувреме се работи на даночната реформа, за што детали не се соопштуваат во која насока ќе бидат измените. А министерот за финансии Бесими – вели дека засега не се разговарло за намалување на ДДВ за електричната енергија, во пресрет на новата цената што треба да се донесе во јуни, и што не е исклучено дека ќе биде со нагорна корекција.
Наташа Стојановска