Повеќе од 21 илјада граѓани од ранливите категории ќе добијат по 6.000 денари неповратна помош. Законот, што е дел од четвртиот пакет на економски мерки, беше изгласан денеска на Комисијата за финансирање и буџет, заедно со два закони од петтиот пакет, вредни над 160 милиони евра. Тоа се законот за финансиска поддршка за февруари и март годинава, на физички лица кои вршат самостојна дејност, како и помошта за работодавачите, за исплата на плати на работниците.
Компаниите кои сакаат да ја искористат мерката може да аплицираат до 30 април годинава. Со амандман е продолжен рокот за уште 15 дена, затоа што законот до сега беше блокиран во собраниските процедури. И останатите закони го поминаа комисискиот филтер, а ниту еден од поднесените 17 амандмани од опозициската ВМРО ДПМНЕ не беше прифатен.
Образложението на власта за одбивањето беше дека мерките од петтиот пакет се влезени во Буџетот и не може да се продолжат.Помошта за физичките лица кои вршат самостојна дејност изнесува 17.410 денари месечно, а за да се добие, приходите треба да се намалени за најмалку 30 проценти. Лицата кои ќе ја добијат оваа помош, имаат обврска да вратат 50% од примените средства во Буџетот, во две месечни рати, без камата. Тие што ќе ја инвестираат оваа сума во опрема, недвижности и проширување на дејноста, ќе бидат ослободени од враќање на средствата. На работодавачите ќе им се исплатува помош во износ најмногу до 21.776 денари месечно по работник, утврден согласно работното време на кое е пријавен работникот.
ВМРО-ДПМНЕ бараше седницата на Собранието да се одржи уште денеска, за да се изгласа пакетот, но тоа не се случи. Образложението е дека, собраниските служби се на вакцинација и нема услови за седница.
Далиборка Демјанска Цветановска