Македонија

Растурена организацијата на Пекер во Турција

Во иста недела, големи полициски акции во Македонија и во Турција, што ги поврзува името Седат Пекер.

Турција го бара заради повеќе кривични дела, а во Македонија стана познат поради лажниот пасош што го доби под името Џевадин Адемовски.

Турската полиција приведе 63 лица од криминалната организација на Пекер.

Во Истанбул, направени се рации на 74 адреси, како и на неговата вила во Бејкоз и на неговиот џип.

Полициските екипи почнале со претреси уште во 6 часот. Истовремено, извршиле упади на вкупно 121 адреса во 5 провинции во Истанбул, Анкара, Кочаели, Трабзон и во Хатај.

Се смета дека самиот Пекер е во странство. Вчера, тој самиот се огласи за да демантира дека поседува македонски пасош со лажен идентитет.

ВМРО ДПМНЕ, која го покажа неговиот македонски пасош уште пред неколку дена и за тоа ги обвини Заев и Спасовски, покажа загриженост дека оваа афера може да придонесе државата да го изгуби безвизниот режим.

“Македонската Влада треба под итно да побара тим на експерти од Генералниот директорат за внатрешни работи на ЕУ за да не го доведе во ризик безвизниот режим. Македонија го доби во 2010-та година и се заснова на високи стандарди, сериозна гранична контрола и меѓусебна доверба на државите членки на ЕУ и државите што уживаат безвизен режим” – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Европската унија смета дека аферата што доби име Двојник и безвизниот режим се две сосема различни работи.

“Јас нема да коментирам тековни истраги на МВР, па ниту оваа за лажните пасоши. Со тоа прашање треба да се справуваат властите. Истрагата треба да продолжи и, како во секој друг случај, доколку постојат докази, надлежните органи треба да се справат со тоа. Но, ова прашање е сосема различно од прашањето за безвизниот режим” – вели евроамбасадорот Дејвид Гир.

СДСМ прашува кои се мотивите на ВМРО ДПМНЕ што се впуштиле во загрозување на полициската акција.

Американската амбасада исто така не коментира истраги што се во тек, но објаснува дека тесно соработува со МВР и со други владини министерства и институции, заради заедничките цели во спроведување на законот и владеење на правото.

“Овие активности придонесуваат за национална и регионална безбедност преку зајакнување на граничната безбедност, транспарентноста и можноста да се истражуваат и да се гонат корупцијата, тероризмот и случаите на организиран криминал” – тврдат од американската амбасада.

Министерот Оливер Спасовски пред неколку дена објави дека „Двојник“, во кој беа уапсени 9 полициски службеници, е меѓународна акција.

Во истрагата, што траела 26 месеци, полицијата имала поддршка од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при американската амбасада, како и на Интерпол.

Опозицијата, која прва ја отвори аферата, се сомнева дека се работи за криминал на највисоко ниво.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тишината погласна и од зборовите – кочанчани повторно испратија повик за неселективна правда

Дејан Дејан

Азир Алиу останува во ВЛЕН, Арбен Фетаи на средба со Курти без Таравари

Дејан Дејан

30 проценти од бремените жени во Македонија се соочуваат со анксиозно – депресивни потешкотии

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе