Вести Македонија Топ вести

Со лажен македонски пасош убивал друг криминалец во Украина-како се помакедончувале белосветски криминалци

215 македонски, лажни незаконски пасоши циркулираат низ светот, а службениците на МВР кои ги издавале и продавале на белосветски криминалци повеќе од 4 години си работеле на местата во пасошките одделенија во Скопје.

Денеска, ден откако опозицијата објави, во МВР беа уапсени 9-мина вработени како дел од операцијата „Двојник“.

Уапсените се, главно од управната пасошка служба во МТВ, но и двајца од полициските станици Драчево и Бутел кои работеле на фотографирање на двојниците со криминално досие и им издавале „чисти“ пасоши со украден идентитет од македонски државјанин.

Министерот Спасовски на половина час пред да почне продолжениот полициски час објави дека се уапсени сите полициски службеници кои влегувале во системот, но без да даде детали кога се издавани пасошите, освен што кажа дека се случувало и пред 2017-та.

-Беше утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела односно дека станува збор за лица со профил од висок ризик и лица за кои е објавена меѓународна потерница со други идентитети, изјави министерот Оливер Спасовски.

Истрагата траела 26 месеци, од февруари преклани и се водела во соработка со Интерпол и со американските безбедносни служби кои технолошки помагале со алатки за препознавање на лица.

Опозицијата која вчера го откри случајот за истрагата Двојник и го крсти Мафија, денеска соопшти дека не може главните луѓе во МВР да не знаат ништо за лажни пасоши кои се издаваат и да се апсат службеници од пониски структури во пасошкото. Врвот на власта, Мицкоски го нарече Мафијашко гнездо и оцени дека акцијата не е пробиена со нивните информации туку е убрзана за да не се сокрие.

-Ако ја спроведувале во последните година дена тогаш требало да ја спроведат, дај Боже стално вака да ги саботираме и да ги инспирираме да ги завршуваат акциите но треба да почнат од себе, не да почнат од службеникот или службеничката што зема оттисок од прст и фотографира. Бидејќи на нив им било така кажано од други структури, затоа што немојте да ме убедувате дека тој службеник знае кој е Јован Вукотиќ или уште помалку знае кој е Георги Андонов. Или пак Седат Пекер, а уште помалку знае кој е Џадин Адемовски и уште такви стотици лица. Да не се лажеме, криминалот е во врвот на власта. Колку побрзо расчистиме со овие луѓе, толку побрзо ќе имаме правна држава. Се останато е растурање пердуви и приказни за мали деца, изјави Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите документи кои ги има ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предаде во обвинителство. Ама во обвинителството ќе добие пријава и опозицијата затоа што Спасовски вели дека намерно сакале да ја опструираат исрагата.

-При реализацијата на оваа акција се соочивме и со обид за саботажа која не успеа. Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицковски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози се што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол. Ова е недозволиво застанување против полицијата и против борбата за правда и одговорност на секој што го прекршил законот, истакна Спасовски.

Опозицијата презентираша два случаи, пасош под име Георги Андонов, а кој всушност бил даден на српско-црногорскиот криминалец Вукотиќ.

Вториот е за турчинот Пекер кој гласел на име Џевадин Ајдемовски. Неговиот пасош е правен во јануари овој месец, кога Пекер алијас Ајдемовски беше и протеран на Косово. Според последните достапни податоци, истиот Пекер последниот период бил во Мароко, но не се знае дали го корсител македонскиот пасош за да стигне до Африка.

Црногорски криминалец и потенцијален атентатор беше уапсен во Украина лани во мај после обид да убие друг регионален криминалец, а имал македонски пасош.

(извадок од видео на украинската полиција)

Украински полицаец: Од каде си?

Стефан Ѓукиќ (со македонски пасош на име Каце Ѓерги): Од Македонија.

Полицаец: Што правиш тука.

Пасошите се издадени на адреси кои не постојат на име на македонски државјани кои не живеат во државата и немаат патни исправи. Најголем дел од веќе потврдени 215 лажни пасоши биле всушност со идентитет на македонски државјани од Мала преспа и од Пустец, а со слики од криминалците.

Зделките ги договарал посредник и курир кој бил врската меѓу осомничените припадници на МВР и криминалците кои се помакедончувале со бордо-пасоши. За над 110 носители на пасоши е откриено каде се наоѓаат во странство, а по останатите уште траела потрагата за да се откријат земјите каде се сега.

Но акцијата веќе е спроведена, а предвидената реализација со помош на Интерпол во други европски земји ќе се одвива понатаму. Нашите партнери се известени, вели Спасовски кој најави други детали за понатаму, а како пример го спомна случајот со Горан Грујевски кој како началник во УБК си имаше и втор пасош на име на колегата Владимир Варелов.

Сомнежите се дека меѓу новопроизведените носители на македонски пасоши имало и гангстери и мафијаши од Јужна Америка, но пред се биле од соседните држави.

Едно лице од Македонија во истрагата „Двојник“ не е најдено и е во бегство.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе