Со отстранување на инвентарот од бродот, поточно масите и столиците Град Скопје ја започна долго најавуваната демонтажа на едната од трите галии во реката Вардар. Целата постапка ќе трае неколку недели, нема финансиски да го загрози градот, дури отстранувањето ќе биде на сметка на фирмата корисник, вели Шилегов. Но колку би чинела демонтажата на една галија и уривањето ?
Не знам колку би чинело тоа е работа која што си ја имаат корисниците. Рушењето ќе биде по цените кои што Советот на град Скопје, реков дека „Улици и патишта“ ќе го прави тоа. За секоја ставка поединечно имаме утврдено цени и на крајот фактурата ќе биде доставена до корисникот на галијата, изјави Шилегов.
Ваквото уривање е незаконско, смета сопственикот на галијата „Среќа“ кој е бугарски државјанин. Во негово име, управителот на фирмата „Сервис АД“ Жарко Миленковски вели дека немаат никакви долгови, станува збор за приватна инвестиција и не должат ништо на град Скопје.
Се уште не е укината дозволата за поставување урбана опрема, што значи дека правниот акт врз кој е поставен овој брод се уште постои и е во сила. Нема правен акт со кој е укината дозволата за поставување на урбана опрема. Во тек се два судкси предмети, за едниот имаше утринава и рочиште и не може да се руши со сила додека нема судска одлука, вели Миленковски.
И покрај фактот дека галијата кај МЕПСО беше првата која што требаше да се руши, сепак тоа е пролонгирано поради реобновување на судски процеси, вели Шилегов.
Јас кажав дека во даден момент ако ги отстраниме сите со раскинување на договорот граѓаните на Скопје може да ги чинат трите галии 6 милиони евра, овој начин што го одбравме можеби е подолготраен , но дефинитивно не оди на материјална штета на буџетот на градот и на парите на даночните обврзници на Скопје, вели Шилегов.
За галијата „Воденица“ кај Градскиот трговски центар за сега нема прекршувања на договорот и таа не може да се урне, во спротивно Градот треба да плаќа милионска оштета, додава Шилегов.
Нина Стефанова