„Мафијашкиот бос влегува во полициска станица на МВР, се слика за пасош, МВР му издава пасош со реална фотографија, но со украден идентитет од друго лице кое претходно е одбрано од безбедносните структури“. Вака, според ВМРО ДПМНЕ, изгледа организираната мрежа за изработка и издавање патни исправи за високи мафијашки структури од Балканот, но и од Азија и од Јужна Америка. Меѓу 200 лица со такви патни исправи, се Јован Вукотиќ и Седат Пекер.
Првиот е познат како водач на Шкаљарскиот клан и заедно со Кавачкиот, се најмоќни криминални структури на Балканот за контрола на трговијата со дрога. Во декември 2017-та, Вукотиќ добива македонски пасош со името Георги Андонов. Со него патувал низ Балканските држави, Шпанија, Грција, Украина, Полска. Уапсен е пред три години во Турција и депортиран во Србија, каде признал дека го користел нашиот пасош и каде е осуден на 15 месеци затвор. Испорачан е на Црна Гора, каде се барал за обид за убиство. ВМРО ДПМНЕ има сознанија дека и денес е таму и дека има и црногорски пасош.
Седат Пекер е водач на турската мафија. Суден е за убиства, обвинет за рекет, принуда и поттикнување убиство, како и за државен удар. Откако е во бегство, престојувал во мал хотел во Петровец. Лани, објавил дека бил гостин на Универзитетот ФОН и на општината Ростуше, каде е претставен како бизнисмен од Турција. Уапсен е во јануари годинава и протеран во Косово бидејќи имал и косовски пасош, а сега најверојатно е во Албанија.
ВМРО ДПМНЕ тврди дека министерот Оливер Спасовски и премиерот Зоран Заев, ја ставиле целата државна апаратура на располагање на балканските криминални структури и на најголемите наркобосови, давајќи им закрила и безбеден обрач.
Сите сознанија и документи, партијата ќе ги достави до Јавното обвинителство. Очекуваат брза истрага и идентификување на нарачателите во аферата што ја нарекоа „Мафија“.
Соња Николовска