Европската унија мора да е на прво место, вели претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, објаснувајќи го новиот механизам со кој ќе се зајакнат рестрикциите при извозот на вакцини за ковид од европско тло.
Новата регулатива вклучува две измени на веќе постоечкиот механизам за извоз на вакцини.
Прво: Земјите членки ќе треба да размислат за реципроцитетот, односно дали земјата која ги побарува вакцините е го ограничува сопствениот извоз на вакцини или нивни суровини, со закон или со други средства? И пропорционалност – односно дали условите што преовладуваат во земјата на дестинација се подобри или полоши од оние на ЕУ, особено нејзината епидемиолошка состојба, стапката на вакцинација и пристапот до вакцините.
И Второ: Земјите-членки и Комисијата треба да проценат дали бараниот извоз не претставува закана за безбедноста на снабдувањето со вакцини и нивните компоненти во Унијата.
За да се добие целосна слика за трговијата со вакцини, новиот акт вклучува 17 земји претходно изземени во рамките на регулативата, а тоа се : Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Ерменија, Азербеџан, Белорусија, Грузија, Израел, Јордан, Исланд, Либан, Либија, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, се вели во соопштението од ЕК.
ЕУ ги заострува условите за извоз на вакцини кои се произведуваат на нејзина територија, тука се вклучени Фајзер и Астра Зенека. Според последните најави, догворот со Фајзер, Македонија се уште не го финализирала. Но, за да продолжиме со директните преговори, ќе треба да се добие дозвола од ЕУ. дали тоа ќе го бара самата компанија или ние од Брисел, не е јасно. Сепак, патот до вакцините се отежнува, а Македонија за вакцини може да се надева само на Кина, Русија и она што ќе се добие од ковакс механизмот.
Новите услови, ЕК ги испорачува најмногу поради британско-шведската компанија Астра Зенека , која не го исполни договореното со унијата и достави само 30% од претходно испорачаните и платени вакцини.
Алиса Шутиноска