Снегот кој вчера ја зафати земјава целосно го блокираше Железничкиот сообраќај. Раководството од Инфраструктура вели дека дефектот е саниран и се очекува железничкиот сообраќај да се врати во функција.
Станува збор за проблеми предизвикани поради снежните врнежи. Поради тежината на снегот имавме проблем со прекин на телекомуникациската и енергетската инфраструктура, напојувањата кои се користат во железничкиот сообраќај. Секој момент очекуваме дефектот да биде саниран и да биде ставен во функција целиот железнички сообраќај. Возови има застанато за овој период кога не се користи пругата, а што се однесува до работници можам да изразам огромна благодарност до вработените, изјави директорот на ЈП Инфраструктура, Хари Локвенец.
Четири машини синоќа кусо пред полноќ успеале да ги пробијат трите лавини што паднаа во близина на Бигорскиот манастир поради обилните врнежи, на патниот правец Дебар – Маврово, делница Дебар – Жировница. Според локалните власти во тој миг сообраќајот бил целосно во прекин и за среќа била избегната поголема трагедија. Со лесна повреда на ногата се здобил патник во едно од возилата кое го зафатила лавина.
Денес се е под контрола, вели Ангелов. Регионалните и магистралните патишта се чистеа навремено, на сите превои традиционално има проблем и тука покрај навремената интервенција и соодветна механизација, треба да се има предвид и колку наврна снег за кусо време.
Сите патни правци се проодни со исклучок на патниот првец кон Попова Шапка, каде уште еден мал дел е уште непрооден, но истиот ќе биде расчистен во следните неколку часа. И знаете за одредени проблеми со струјата поради врнежите од снег, дел од некои прилепски села немаат електрична енергија, но се работи на отстранување на дефектот и верувам дека тоа брзо ќе биде решено. Исто така поради пад на дрво во Железара врз електричен уред исто така немаше струја, но брзо беше отстранет тој дефект, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Утрово е укината забраната за сообраќај за тешки товорни возила на планинските премини Стража и Ѓавато, како и на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, која што беше воведена поради обилните врнежи од снег и важеше до 8:30 утрово. Во раните утрински часови е укината и забраната за сообраќај на камиони и на планинскиот премин Плетвар, се вели во дописост на АМСМ.
Нина Стефанова