Македонија

Уривањето на култниот “Парк” во Охрид ги скара градоначалникот и министерката за култура

Култниот ресторан дискотека „Парк“ во Охрид  исчезнува за секогаш. Багери го уриваат репрезентативниот и наградуван објект, архитектонско дело на познатиот  архитект Павел Балабан.

Парк се срамнува  со земја за на негово место да никне хотелски комплекс. Безуспешни останаа реакциите на охриѓани и апелите на  невладините, посебно на Охрид СОС, надлежните  да го спасат објектот.

Од  ОХРИД СОС тврдат дека уривањето е незаконско, поради што најавуваат и кривични пријави и велат Хотел нема да дозволат да се гради.

-Одобрението за градење е правосилно од 06 јули 2018 г, а првпат градежни работи се одвиваат во март 2021 г. што е речиси една година по истекот на важноста на одобрението за градење. Ќе биде покрената кривична пријава против Општина Охрид и против инвеститорите кои се сопсвеници на парецлата поради непочитување на законот и кршење на одредбите и се надеваме дека ќе се стопира процесот, вели Владимир Трајановски, од Охрид СОС. 

Додека градбата се срамнува со земја,  на ФБ има преписка меѓу надлежните.

Министерката за култура Ирена Стефоска, по најавите дека Парк се урива, вчера напиша дека очигледно Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство, па ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренцииите на овие општини. Охридскиот градоначалник Константин Георгиевски, попладнево одговори  дека  е изненаден од изјавата на министерката за култура

„Ако министерската алудира на тоа дека општината недоволно се ангажира за заштита на културното и природното наследство, јас одговорно тврдам дека за две и пол години колку што јас сум градоначалник се направени повеќе активности во насока на заштита отколку за последните 20 години. Верувам дека министерката,  како и сите ние, сака да го заштити регионот. Но, како член на владата споделува одговорност за тоа па затоа сметам дека би било далеку поконструктивно да се вклучи активно во надминување на проблемите

Активистите од Охрид СОС минатата недела до сите надлежни институции  поднесоа иницијатива за итна заштита на објектот на ресторанот Парк и негово прогласување за споменик на културата.

„Уривањето и изградбата на нов комерцијален објект со неколкукратно поголем габарит од постојниот,  на 50 метри од брегот на езерото, доаѓа во време кога Охридскиот регион е на праг да биде ставен на листата на светско наследство во опасност, токму како резултат на агресивна урбанизација на крајбрежјето“, напишаа во иницијативата активистите од Охрид СОС, но не успејаа да го спасат репрезентативниот објект.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ на локалните избори нема да кандидира градоначалници во седум општини

Дејан Дејан

Главниот државен ревизор Ацевски вели дека 80 отсто од склучените договори за јавно приватно партнество се склучени на ниво на општини што укажува на недоследности

Дејан Дејан

Ацевски: Финансирани се 67 проекти на 41 општина без објективни критериуми

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе