Македонија Топ вести

Стотици ученици и наставници во изолација, надлежните смируваат – наставата продолжува онлајн

Ученици и наставници позитивни, дел од училиштата целосно празни, а наставата онлајн. Новиот бран на зараза со Ковид не ги одмина образовните установи, но надлежните во секторот смируваат дека тоа не влијае на наставниот процес.

Информациите од Карпош се дека во основното училиште „Владо Тасевски“ има десетина ученици и вработени заразени и голем број на изолирани поради тоа. Други училишта низ градот и државата се соочуваат со слични ситуации.

Комисијата за заразни болести има увид во бројките на заразени ученици и кадар кои се дел од физичката настава, но процентот не е доволен за да се прават суштински промени во наставниот модел среде пандемија – уверливо порача од говорница претседателот на Комисијата, доктор Жарко Караџовски, кој се појави во јавноста после извесно време.

„Во државата има околу 40 илјади ученици коишто се опфатени во фазата на едукација. Во моментов знаете дека функционира моделот со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение. Во најголем дел од државата немаме зголемен број на заболени наставници, учители и ученици што би било сигнификантен број за да се преземат одредени мерки за намалување на опцијата дека треба да се едуцираат со физичко присуство“ изјави Д-р. Жарко Караџовски – Претседател на Комисијата за заразни болести.

Министерството за образование и наука е на иста линија со здравствените власти. Министерката Царовска смирува дека десетиците случаи на зараза во бројни училишта и поголемиот број на заразени наставници – не е ништо поразличен од билансот и во првото полугодие.

„Според бројката којашто се однесува на училишта коишто се опфатени или каде што се појавиле позитивни случаи – имаме 60 ученици во 36 основни училишта, 90 наставници во 64 училишта, 10 ученици во 3 средни училишта и 11 наставници во 5 средни училишта. Сепак процентот изнесува колку и во првото полугодие, помалку од 1% од наставници и ученици“ изјави Мила Царовска – Министерка за образование и наука.

Во меѓувреме, Владата синоќа на седница го донесе Протоколот за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура за оваа учебна година, одобрен од Комисијата за заразни болести.

Екстерните испити од државната матура ќе се полагаат на 5 и 11 јуни, а покрај нив матурантите имаат и тестови по два интерни испита и проектна задача.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Во Кочани заврши ,,Маршот на ангелите”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе