Училишта, водоводи, канализациони мрежи, патишта, далноводи и гасоводи се со статус на дивоградби во земјава. Општините и државата за нив немаат имотни листови, од причина што пред неколку децении тогашната администрација не била ажурна или се граделе согласно тогашните закони, па сега ги немаат сите потребни документи за да добијат тапија, односно имотен лист од катастарот. Таков е и примерот со локалниот пат меѓу селата Таринци и Долни Балван во должина од два километри, кој поврзува два регионални патни правци. Општината Карбинци обезбедила над 250.000 евра за реконструкција на овој пат по којшто жителите на Карбинци и Штип над половина век транзитираат по него.
Градоначалникот на Карбинци, Насев вели дека затоа општините бараат да се донесе новиот Закон за легализација на дивоградби, со кој ќе им се решат големи проблеми и можност за аплицирање до фондови и министерствата. Законот повеќе од половина година е доставен во собранието, но министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека за него потребна е поширока дебата и да се донесе со поголем консензус.
За разлика од стариот закон кој предвидуваше легализација на дивоградба за едно евро за метар квадрате, во новиот е предвидено оној којшто се дрзнал да гради на диво да си плати комуналии, но и висока парична казна.
Викторија Димитрова Јованова